Подготовките за 29-то издание на меѓународниот атлески маратон во Охрид се во завршна фаза, а будно ги следи победникот на петте маратони на почетокот од 1976 до 1980 година Живко Стојчески.


Тој е дел од организациониот одбор на маратонот кој секоја година се потешко опстојува на спортската мапа во градот.

– Секогаш со емоции зборувам за маратонот, за учествата, за победи и за организацијата бидејќи тој е дел од мојот живот. На првите маратони бев учесник и организиратор, а тие години ми будат многу убави спомени. На првиот маратон бевме четворица учесници. Јас пристигнав прв на целта по два часа трчање и исто толку порано од предвидувањата. Втората година маратонот беше вистинска атракција во Охрид и на целта ме пречекаа неколку илјади граѓани да ме поздрават. Голема чест ми е што и сега после долги години сум дел од организацијата и можам да им ги пренесам искуствата на помладите во организацијата. – се присеќава Стојчески.


Од година во година со победите Стојчески си го подобруваше и рекордот кој сега е во сопственост на југословенскиот атлетичар Борислав Девиќ поставен 1993 година со време (1:39,13).

– Секоја година покрај победата имав мотив и за нов рекорд што ме водеше низ тешките моменти на трката. Тренирав напорно во селото Оровник цела година и затоа бев максимално подготвен за секој следен маратон во Охрид. Покрај победите на маратонот најголемо признание ми е и истрчаниот маратон во Загреб долг 65 километри што говореше на квалитетите на охридската атлетика во тоа време. – додаде нашиот соговорник.


Меѓународниот атлетски маратон мака мачи со финансиите кои се неопходни за добра организација на манифестација од вакви рамки.

– Им помагам финансиски колку што можам на организаторите за што подобро организација на маратонот. Се надевам дека луѓето во Охрид ќе имаат слух за овој маратон и од следната година ќе блесне со сиот свој сјај. – порача Стојчески.

Тој на атлетичарите учесници на маратонот во Охрид ќе им ја престави трката и ќе биде дел од судиската контрола.

Мх.П.