Досегашниот вршител на должноста претседател, Живко Митрески, е избран за претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија – ССМ, на 18-от конгрес што денеска се одржа во Охрид. Митрески кој беше единствен кандидат, ја доби поддршката од сите 99  делегати присутни на конгресот, од вкупно 120 делегати. На собирот во Охрид присуствуваа претставнцици на 16 гранкови синдикати на ССМ, како и голем број гости од земјата и странство.


Во своето обраќање на конгресот, претседателот на ССМ, Живко Митревски истакна дека пред синдикатот е период на консолидација, надминување на внатрешните проблеми  и подобрување на стандардот на  работниците, кој во период на економска криза е на ниско ниво.

-Во Македонија денес има над 300 000 невработени, голем број корисници на социјална помош, а 70 отсто вработени работат во секторите каде примаат плата помала од просечната, истакна Митревски, кој најави дека ССМ и натаму ќе се залага за решавање на проблемите преку социјален дијалог и потпишување на колективните договори кои ќе ги гарантираат правата на работниците.-рече Митрески.


Новиот претседател на ССМ Живко Митрески

Митрески најави дека на синдикатот му претстојат големи активности во насока на намалување на сивата економија и работата на црно, утврдување на најниската плата со закон, реформи во пензискиот систем и достојна примена на меѓународните конвенции за заштита на трудот.

-Новите времиња налагаат модернизација на  синдикатите кои треба да обезбедат договорни осигурувања на работниците кои треба да бидат дел од колективните договори, со што ќе се зацврсти општествената положба на синдикатот, истакна Митревски, според кого перспективата македонското синдикално движење треба да ја бара во европеизацијата.-подвлече Митрески.

Забелешки на изборот на Митревски искажа Драге Јовановски, чија кандидатура за претседател на синдикатот не беше прифатена поради неисполнување на статутарни одредби. Јованоски на кого не му беше дозволен влез на конгресот истакна дека има пропуст во постапката за избор на претседател на ССМ, за што тој вложил приговор кој делегатите на конгресот не го разгледаа.

-Очигледно е дека постапката продолжува нетранспарентно иако имам уредна кандидатура за претседател од пет синдикати и поддршка на 40 членови на синдикатот. Ова раководство се однесува така,  за да нема друг кандидат само за да биде избран колегата. Во досегашната постапка беа направени повеќе процедурални грешки. Една од нив е што конгресните документи нема доставено листа на делегати. Тргнувајќи од минатиот конгрес, листата делегати беше 135.  Според моите информации, некаде околу 40 отсто од делегатите не се тука бидејќи го бојкотираат конгресот и не ја поддржуваат Митрески. Бидејќи не сум ставен на листата, поднесов приговор до 18 Конгрес тој приговор мора да биде разгледан или повторно ќе се направи процедурална грешка која ќе ми отвори можност да покренам судски спор.-рече Јовановски.


Незадоволен – Драге Јовановски

Според новоизбраниот претседател, ваквите ставови се неосновани.

-Нема неединство во ССМ, 16 гранкови синдикати ја подржаа кандидатурата за претседател, тоа значи над 90 отсто, практично за прв пат се промовира единство во ССМ што недостасувапе. -рече Митрески. Забелешки на изборот имаше и поранешниот претседател на ССМ Ванчо Муратоски, кои Митрески исто така ги отфрли.

Инаку делегатите на Конгресот ја усвоија Предлог програмата за дејствување на ССМ во периодот 2010 – 2015 година. Исто така беше усвоена и Резолуција за социјален дијалог и улогата на синдикатите во услови на економска криза. Во неа се потенцира дека за ублажување и решавање на проблемите предизвикани од економската криза, ССМ ќе предлага да се преземаат соодветни мерки од страна на власта, но и ќе бара заедничко дејствување на сите социјални партнери во надминување на проблемите, особено во областа на вработувањето и работните услови.

Г. Момироски