Новиот состав на Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз вчера ја одржа првата седница на којашто беше избрано партиското раководство. Во новиот Извршен одбор на СДСМ е избрана и Живка Ангелоска од општинската организација на СДСМ во Охрид.
Нашата другарка и сопартијка Живка Ангелоска е верен борец за социјалдемократските вредности. Своето долгогодишно партиско искуство го темели врз лојалност кон партиските тези и идеали. Повеќе години го претставува гласот на охриѓани и на општинската организација на СДСМ во Советот на Општина Охрид како советник, своевремено како Претседател на Совет и како моментален координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата, посочуваат од СДСМ Охрид.
Велат, Ангелоска, е извонреден познавач на општинската работа, на партиските структури, но пред се’ внимателен слушател на потребите на граѓаните и сопартијците.
На седница за нови потпретседатели на партијата беа избрани поранешната министерка за животна средина Каја Шукова, професорката од Правниот факултет во Скопје Ана Чупеска, Методија Илиевски, член на Советот на општина Битола и Кристина Костова од Штип, член во Централниот одбор во СДСМ.
За генерален секретар е избран Александар Димитријевиќ, а за организациски секретари Љупчо Пармаковски од СДСМ Центар и Мартин Костовски пратеник во Собранието. Во новиот Извршен одбор на партијата има претставници на повеќе општински организции.
Н.С.Ј.