Ниту пандемијата од смртоносниот Ковид 19 не придонесе за поголемо единство во земјата. Напротив, таа секојдневно е дел од ПР агендите на политичките партии. Статистиката со новозаразени и починати од коронавирус, за жал, се повеќе се (зло)употребува во партиско – политички цели. Како и се друго ова наше политички длабоко општество. А колку длабоко тоа е поделено, одговорот го даваат граѓаните кои учествуваа во онлајн анкетата што за сопствени потреби изминатиот период ја спроведе OhridNews.

Партиите се подлабоко се вкопуваат во своите ровови во пресрет на се поизвесните избори. Нивните гласноговорници стануваат се погласни, како и нивните поддржувачи. Сите имаат своја агенда. Се мери секој збор, пост, лајк, хејт. Се во функција на поддржуваната опција.

Социјалните мрежи станаа поле за натпревар помеѓу партиските војници и симпатизери, кои секојдневно го контаминираат онлајн просторот, Сето тоа зачинето со многу лажни вести, тенденциозни објави, непримерни коментари и многу други дејствија кои само го потврдуваат резултатот од погоре спомнатата анкета. Се што се случува во општеството сега се гледа со политички очи, буквално се. А изборите официјално не се ни почнати. Немаме ниту датум кога ќе се одржат. Што ли ќе биде кога ќе се официјализира и тој?

Г.М.

Следна анкета: Дали државата треба да ги преземе ингеренциите над крајбрежјето на Охридското Езеро и да го реши проблемот со дивоградбите?