Еден Германец од Минхен е како актер во познатиот филм ’Терминал’. Имено, Германецот веќе две недели живее на терминалот на аеродромот во еден бразилски град, се со цел да се види со девојката поради која допатувал во Бразил.
Хајнц Милер од Минхен веќе две недели живее на аеродромот во бразилскиот град Кампјанс, близу Сао Паоло. Тој не сака да се врати дома додека не се види со девојката поради која и допатувал во Бразил.
Меѓутоа, Бразилката со која повеќе месеци се допишувал преку интернет, му порачала дека само се шегувала и дека нема намера да се види со него.Милер, сепак, не се откажува, а бидејќи во меѓувреме останал без пари, храна му носат жените кои работат на аеродромот. Претставникот за печат на Бразилското цивилно воздухопловство изјавил дека Милер може да остане на аеродромот се додека не му истече тримесечната виза.
Германската амбасада во Бразил одбила да го коментира случајот, бидејќи Милер не и се обратил за било каква помош.