Тие се жалат дека секое утро го дочекуваат ненаспани, поради преголемата бучавост од околните кафулиња и тераси на отворено.
– Ако сме во можност, принудени сме да преспиваме преку ден, бидејќи навечер тоа е невозможно. И со затворени прозори, не се спие, од прегласната музика ѕидовите буквално се тресат. Секоја вечер се јавуваме во полиција, но очигледно никој ништо не им може на несовесните сопственици од околните кафе барови, чија музика е два или три пати посилна од дозволената со закон, велат тие.
Покрај проблемот со бучавоста, тие се соочуваат и со она што останува зад младите луѓе, најбројните туристи ова лето, кои се забавуваат до раните утрински часови. Не ретко тоа се шприцеви и измет, кој потоа жителите од овој дел од градот се принудени да го отстрануваат, бидејќи тука играат и нивните деца.