Велигденските празници кога на сила беше и 85 часовен полициски час, им преседнаа на жителите од населбите „Гоце Делчев“ (Бараки) и „Видобишта“. Поради дефект на водоводната мрежа со денови беше отежнато водоснабдувањето, кое во некои делови беше и целосно во прекин во одредени периоди. И овој пат, како и во повеќе наврати во минатото, причина за проблемот бил дефект на водоводната мрежа под изграден потпорен ѕид.
Во врска со проблемите со водоснабдувањето во населбата „Гоце Делчев“, Ве известуваме дека дефектот беше саниран во доцните вечерни часови во саботата и сега водоснабдувањето е нормализирано. – одговорија на прашање на OhridNews од ЈП „Водовод“ Охрид.
Одговорните во ЈП „Водовод“ уште ги прашавме како планираат долгорочно да го решат проблемот со водоснабдувањето во оваа населба, кое е нарушено поради преголемата изграденост, која излегува далеку од плановите за изградба на оваа населба. Во „Бараки“ одамна нема бараки. Таму никнаа големи куќи, со уште поголеми потпорни ѕидови, гаражите се преадаптираа и надградуваа за сосема друга намена, со други зборови секој таму си направи колку можеше и како сакаше.
Проблемот со водоснабдувањето во населбата нема да се реши се додека надлежните не се соочат со реалноста, а таа е дека над 40 години старата водоводна мрежа, во која речиси ништо не е инвестирано, треба да се замени со нова, независна водоводна мрежа. Само на тој начин жителите од оваа населба и соседната „Видобишта“ повеќе нема да имаат проблеми со вода за пиење. Иронијата да биде поголема таа ни доаѓа од Рамне и наместо да блика вода, ние немаме вода. – вели жител на населбата „Бараки“.
Жител пак, од повисоките зони на Видобишта, над Стобекс, е револтиран што секој празник мора да стрепи дали ќе има вода и доколку има каков ќе биде притисокот.
Ден пред Велигден немаше вода, потоа дојде ама притисокот беше ужасен, за во четвртокот да немаме речиси цел ден. Вака е со години, за што ние плаќаме вода и што работат одговорните во охридски „Водовод“. – резигнирано прашува граѓанинот со кој разговараше екипата на OhridNews.
Oд ЈП „Водовод“ Охрид, велат дека се работи на отклонување на дефектот поради кој има проблеми во повисоките зони во „Видобишта“.
Што се однесува за повисоките зони во населбата „Видобишта“ каде има послаб притисок исто така дел од проблемот беше поврзан со дефектот од населбата „Гоце Делчев“, но и на дел од улицата „Сирма Војвода“, каде во моментов се работи на појачување на линијата. Во наредните неколку дена и викендот ќе се работи на овој проблем, така што пред празникот и во овој дел на градот водоснабдувањето ќе се нормализира. – информираат од ЈП „Водовод“ Охрид.
Охрид иако лежи на вода, има многу проблеми со водоснабдувањето во и вон туристичката сезона, што сериозно влијае како на квалитетот на животот на граѓаните, така и на туризмот. Но и покрај тоа, се уште нема најава за посериозни вложувања во водоводната инфраструктура од страна на јавното претпријатие, кое, како и останатите јавни претпријатија во градот се соочува со превработеност. Тоа е заклучок и на актуелниот градоначалник Георгиески, според кого, пак, неопходна е реорганизација на сите јавни претпријатија во градот за тие конечно да станат тоа што треба да им е осносвна функција, ефикасен сервис на граѓаните.
Г.М.