Жителите од втора урбана заедница бараат в долж кејот Македонија да не се предвидуваат градби со голем габарит и просторот да не се пренатрупува со објекти. Своите барања тие ги изнесоа и на неодамна одржаната јавна презентација на нацрт планот за дел од втората урбана заедница што се однесува на планскиот опфат помеѓу улиците Кеј Македонија, улица 8 –ми Март, Партизанска и улица 1.

Бараме да се зачува човековата околина, а не на прво место да се ставаат личните интереси бидејќи станува збор за многу значаен дел од градот. Слушаме дека ќе се намали катноста на предвидените објекти во прв ред, но тоа е потребно и за останатите. Со изградба на големи градби дополнително ќе се доведе до затворање на просторот со што се намалува струењето на воздухот поради што се зголемува загадувањето за што доказ е и маглата која последните години е се поприсутна, велат жителите.

Дел од нив бараат и да им се остварат нивните права во однос на изградба на инфраструктурата,односно нивните објекти да имаат пристап на улица како што тоа им било ветено кога ги граделе куќите.

Во 1985 година кога добив одобрение за градба ми беше ветено дека до мојот објект ќе биде пробиена нова улица на која подоцна беа изградени уште 25 објекти. Но, и по изминати три децении, поради нерешени имотно- правни односи  и една диворадба улицата за која сме платиле комуналии не е изградена и се снаоѓаме како знаеме, еве јас конкретно преку гаража излегувам од мојата куќа. Доколку, кога го земав одобрението за градба, знаев дека нема да има улица до објектот можеби и немаше тука да го градам, вели жител од овој дел од градот.

Своите забелешки граѓаните од овој дел од градот ги дадоа до надлежните во локалната самоуправа, каде заклчучно 30- ти јануари траеше јавната анкета за нацрт планот. Се надеваат дека тие ќе бидат уважени од страна на комисијата и дека конечното урбанистичко решение на кое се чека веќе неколку години наскоро ќе биде изгласано од страна на советот на општината.

Т.К.