Жителите од улицата „Пере Тошев“ се во очекување надлежните служби од Локалната самоуправа да го исполнат своето ветување и да ја асфалтираат улицата на која живеат. Се жалат дека нивната улица веќе неколку месеци е раскопана и дека од октомври е покриена со чакал.


Пред еден месец, од Локалната самоуправа објаснаа дека дошло до застој во градежните работи поради изведување на градежните зафати во Пештани и на улицата Железничка кои се определени како приоритетни за завршување пред почетокот на сезоната. Ветија дека по нивното завршување, околу 20- ти јули, изведувачот ќе продолжи со активностите за асфалтирање на улиците „Пере Тошев“ и „Петар Поп Арсов“.


Иако овие улици спаѓаат во централното градско подрачје, дел од градот на кој од 1 јули се забрани изведување градежни работи, од Локалната самоуправа објаснија дека забраната не важи за зафати кои се од јавен интерес, како што е асфалтирањето на улици. 

Ohridnews