На температура над 30 степени жителите на охридската населба Бараки се соочуваат со недостиг на вода за пиење. Се жалат дека деновиве имаат намален притисок на водата од градската водоводна мрежа. Велат со ваков притисок на водата неможат да се обават одредени потреби во домаќинствата.

Од ЈП Водовод Охрид информираат дека се запознаени со проблемот кој настанал како резултат на дефект на  водоводната мрежа на 8 јули кој бил саниран и дека се работи на нормализирање на состојбата.

Но, поради компликации настанати по санацијата неколку домаќинства сеуште имаат намален притисок во водоснабдувањето. Бидејќи водоводната линија е поставена на непристапен карпест терен, по извршената санација кај дел од објектите дошло до запушување на водомерните броила, посочуваат од претпријатието.

Потенцираат дека екипи на ЈП Водовод Охрид се на терен и поединечно се вршат проверки и чистење на ситата од водомерните броила.

OhridNews