Жителите на зградата на улица „Галичица“ 37, од двата влеза веќе подолг период имаат проблем со непристапниот и неуреден пат на влезот на нивната зграда. Се поплавуваат и дават во кал при секој дожд. Велат во неколку наврати се обратиле до надлежните, но досега ништо не е преземено.
Генерално имаме проблем со пристап до зградата. По врнежи од дожд неможеме дома да си влеземе. Имаме два влеза на зградата од двете страни на улицата, едниот е од кај стара дирекција на НП „Галичица“ каде цела вода од погорните улици се собира и влегува внатре во подрумските простории на зградата. До првата скала во подрумските простории има вода. Имаме вештачко езеро пред влезот кога ќе има поголеми врнежи, реагираат тие.
Дополнителен проблем, велат, се појавил и со атмосферската канализација, за која велат или нема капацитет да ја прими целата вода или цевките што ја носат водата во канализацијата се најверојатно затнати.
Веќе две години бараме од Општина Охрид да биде саниран проблемот, добиваме само потврдни одговори дека ќе биде завршено, за месец, два, летово… Добивме и непристоен предлог и самите да си го решиме проблемот со атмосферската канализација, односно сами да си инвестираме ние станарите во зградата. Но, ние немаме никаков долг кон Општина Охрид, бидејќи се е е платено од секој жител во зградата. Проблемот е одамна, се надевавме дека ќе се реши, но очигледно не се решава, додаваат.
Од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици при Општина Охрид велат запознаени се со проблемот на жителите и најавуваат дека ќе биде најдено соодветно решение.
По налог на Секторот, ЈП Нискоградба излезе на терен и направи снимање на ситуацијата. Утврдено е дека проблемот со поплавување не може да се реши со изградба на атмосферска канализација на тој дел од улицата, бидејќи зградата и паркингот се пониско од нивото на патот. Ќе се направат напори споменатиот потег да биде тампониран и нивото да биде подигнато со што би се овозможило изградба на атмосферска канализација и решавање на проблемот, додаваат од Секторот.
Н.С.Ј.