Граѓаните од месната заедница Стар град бараат преработка и враќање на повторен јавен увид на нацрт Деталниот урбанистички план кој се однесува на дел од урбаната заедница Стар Град.

Тие велат дека пред пет години, на 13.03.2009 година, на организираната јавна презентација и јавна анкета  на нацрт планот, голем број граѓани не го прифатиле и негативно се произнеле за планот во своите усмени дискусии и анкетни листови.

Тогаш на граѓаните им беше ветено дека нацрт планот ќе се разгледа по однос на барањата и на анкетните листови по што повторно ќе се врати на јавна презентација, што досега не е направено. Согласно член 24 став 7, 8 И 9 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, стручната комисија беше должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки по однос на Нацрт планот. Во случајов, спротивно на процедурата нацрт планот е доставен во понатамошна постапка до Органот на државната управа,  надлежен за работите од областа за уредување на просторот и истиот  орган се произнесол по него и дал согласност. Сега нацрт планот треба да биде доставен само уште до надлежниот орган за донесување, а тоа е Советот на Општина Охрид, стои во дописот испратен од граѓаните од МЗ Стар град, во кој се потенцира дека овој нацрт план е од особено значење поради карактеристиките на овој дел од градот.

Барањето на жителите во писмена форма, освен до надлежните министерства, Управата за заштита на културното наследство, премиерот, на 3- ти февруари годинава, било испратено и до градоначалникот на Општина Охрид и до Секторот за урбанизам, на што досега не добиле одговор.

На 5- ти февруари група граѓани имаше средба со секретарот на општина Охрид на која усмено му беше изложено нашето барање. На 7- ми февруари секретарот на општината ни закажа средба со членови од Секторот за урбанизам и Директорката на Завод и Музеј Охрид, на која присуствуваше и самиот секретар. И покрај бурните дискусии од двете страни, аргументирани убедувања, не се дојде до никаков заклучок, велат жителите од МЗ Стар град.

Тие додаваат дека согласно член 4 од начелата за просторно и урбанистичко планирање, јавноста треба да биде информирана во постапката за донесување и спроведување на плановите.

OhridNews