Околината на Саат кулата во стариот дел на Охрид е во многу лоша состојба, која не доликува на еден споменик на културата, кој освен тоа е и туристичка знаменитост, реагираат жителите од Месокастро. Пристапниот пат до Саат кулата е во катастрофална состојба, полн со дупки, поради што движењето со автомобил по него е речиси невозможно, укажуваат мештаните.

Дополнителен проблем, според жителите на Месокастро кои се обратија до нашата редакција, е и узурпацијата на јавниот простор и дел од патот околу Саат кулата, за што, како што истакнуваат, до сега во неколку наврати биле известени сите надлежни институции, но без успех.

Жителите на Месокастро бараат локалната самоуправа и надлежните служби да преземат најитни мерки и да го уредат просторот околу Саат кулата во стариот дел на Охрид, каде во сезона доаѓаат бројни туристи. Во спротивно декларативнитер заложби на политичарите за подобар и поубав Охрид се само празни зборови, од што граѓаните немаат ништо, додаваат тие.

Саат кулата во Охрид е изградена во 1726 година и претставува споменично добро од профаната Турска провинциска архитектура од првата половина на XVIII век.

OhridNews