Тројца жители од грчкиот остров Лезбос побарале од судот да им забрани на хомосексуалните жени да го користат називот лезбејка и лезбејски, јавуваат грчки медиуми.

„Негодуваме поради произволното користење на името од нашето родно место од страна на личности кои се специфични“, пишува во изјавата на тројцата тужители објавено во списанието О’Давлос.

Меѓу тужителите се наоѓа и главниот уредник на списанието Димитрис Ламбро.


„Го присвојуваат името „Лезбејка“ и „Лезбејски“. Тоа нема да го дозволиме, вели Ламбро.

Тој и уште две жителки на Лезбос сметаат дека во меѓувреме станало срамота да се изговара името на нивното родно место бидејќи тоа добило сосема друго значење.

Судот во Атина на барањето ќе одлучува на 10 јуни.

Поимот Лезбејка потекнува од островот Лезбос, кој се наоѓа во источниот дел на Егејско море.

Грчката писателка Сапо, една од најважните антички писателки, потекнува токму од островот Лезбос. Во нејзините дела се наоѓаат траги од женска хомосексуалност, што доведува до тоа, поимот Лезбејски, во 60-те години од 20 век да се обележи како поим за женска хомосексуалност.

На лезбос повеќе пати во годината се одржуваат и средби на лезбејки. Дел од населението во тоа гледаат позитивен настан кој му користи на туризмот, додека другиот дел се спротивставува името на островот да се користи во контекст на хомосексуалност.