Жителите на населбата Канео, денеска самоиницијативно срушија неколку поголеми камења од карпа која што се наоѓа над населбата и која преставува потенцијална опасност за граѓаните и туристите. Покрај заштитата на случајните минувачи, на ваков чекор мештаните се одлучиле и поради потенцијалната опасност од одрон врз нивните семејни куќи.
-Над куќите надвиснати се големи карпи кои се тешки и понеколку тона. Доколку некоја од нив падне или се одрони може да уништи поголем дел од куќите во нашата населба. Одроните на карпите се почести кога има поголеми врнежи и нагли промени на температурата.-велат жителите на населбата Канео.
Тие бараат од надлежните служби во најскоро време да постават заштитна мрежа и да спроведат акција за отстранување на опасните карпи, затоа што месноста Канео е едно од најпосетуваните туристички места во Охрид и не би требало да се дозволи да се случи било каква несреќа предизвикана од одрони на карпите.