Жители на Белчишта реагираа до Граѓанската иницијатива Охрид СОС за испумпување на канализација во реката која е притока на река матица од Сини Вирој, која се влива во Сатеска, па оттука и во Охридското Езеро. Велат општински служби секој втор ден ја приклучуваат пумпата да ја испумпува канализацијата.

Според информациите кои ги добивме, повеќе од 10 години не работи пречистителниот контејнер, цел екосистем во блатото се загадува, а за ова никаде не се информира. Жителите реагираат и дека Зоран Ногачески – Градоначалник на Дебрца ветувал дека ќе го среди овој проблем, но сега ништо не се презема, пренесува Охрид СОС.

Градоначлникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески потврдува дека има еколошки проблем и дека потребна е нова пречистителна станица, но потенцира не се испумпува канализацијата секој втор ден и не се загадува блатото во Сини Вирој.

Не е точно дека секој втор ден се врши испумпување, не се работи за толкав капацитет на приклучени граѓани што го полнат тој резервоар пред пумпата за толку брзо време, дека на два три месеци има уклучување има. Мора во одреден период да се изврши испуштање на водата зошто доаѓа до прелевање на шахтите.  Кон блатото не оди, има канали кои одат кон матицата и Сатеска. Дел од тоа се филтрира природно низ тие канали, што пак е недозволиво и дел завршува во самата матица која оди кон Сатеска, а не кон блатото, вели Ногачески.

Потврдува дека има проблем со пречистителната станица која е поставена од контејнерски тип, посочувајќи дека потребна е нова пречистителна станица што бара средства.

Дека е проблем кој е согледен од локалната е така, но работиме на решавање, требаат средства. Нема Општината во моментов толку средства за нова пречистителна станица. Овој проблем мора  да се реши бидејќи се води постапка за прогласување на блатото за Парк на природата. Решението го гледам само во нова пречистителна станица, зошто очигледно постојната оставена ваква преку 20 години не би можела да функционира, додава Ногачески.

Инаку, Белчишко Блато е блатен екосистем, кој се напојува со вода од повеќе од 10 видливи карстни извори, познати како „Сини Вироj“, вистински бисер на природата. Националната стратегија за заштита на природата 2017-2027 година препорачува да се прогласи за заштитено подрачје и во моментот тој закон е во фаза на усвојување. Белчишко Блато е дел од Националната мрежа Емералд на Република Македонија.

Н.С.Ј.

фото. Охрид СОС