Жители од Стар град реагираат, како што велат- поради дрската узурпација на јавните површини и поставената урбана опрема на тротоарот на улицата „ Коста Абраш“ на градското пристаниште, од страна на сопственици на угостителски објекти.
– Дирекно се загрозува безбедноста на пешаците на овој простор поради што истите се принудени да се движат по улицата која е предвидена за движење на моторни возила. Во повеќе наврати се имаме обратено до сите надлежни институции во Општината, полицијата и други институции, но за жал до сега никој не се одважи да го реши овој проблем. Уште повеќе не револтира што предметниот простор не е влезен во годинешнава програма за поставување на урбана опрема а никој од страна на општинскиот инспекторат и покрај многубројните претставки и барања не презема ништо за отстранување на дивопоставената урбана опрема. Се поставува прашањето дали овие узурпатори имаат подршка од некој моќник во општината, се наведува во дописот од жителите од Стар град.
Тие велат дека се обратиле и до сообраќајната полиција со цел да се преземат мерки за заштита на пешаците на овој простор, односно ослободување на тротоарот и ставање на истиот во функција, но дека досега не се преземени мерки .
Жителите од Стар град најавуваат и кривични пријави за узурпирање на државно земјиште, како и за кривичното дело загрозување на безбедноста во сообраќајот. Велат дека се подготвува и кривична пријава за злоупотреба на службена положба и должност на надлежни лица во локалната самоуправа затоа што писмено се известени, од нив било побарано да постапат согласно нивните надлежности за отстранување на нелегално поставената урбана опрема но истите до денес не презеле мерки.
– Веке три дена важи ограничениот режим на сообраќај на предметниот простор но само на хартија, собраќајот се одвива нормално, паркирањето во стариот дел на градот е бесплатно за сите а најновиот изум ,,медитеранско катче,, функционира 24/7. Сепак сакаме да напомениме дека како обични граѓани сме свесни дека сме немоќни пред институциите да побараме, и добиеме институцијонална разрешница на овој дрзок криминал, но исто така и чинителите на овој криминал треба да бидат свесни дека дури и јавната осуда за нив претставува казна, велат од Стар Град.
Од локалната самоуправа информираат дека поставувањето на урбана опрема на улицата „ Коста Абраш“ е опфатено со годинешната програма за поставување урбана опрема, но дека таа може да се поставува само во периодот од 20 часот до 5 часот.
OhridNews