Жители од улицата „ Илија Смически“ во селото Лескоец се жалат дека подолг период улицата се наоѓа во лоша состојба и дека е отежнато движењето на возилата и пешаците.
Состојбата дополнително е влошена по обилните врнежи од дожд во текот на изминатите два дена кога товарно моторно возило заглави во една од дупките на коловозот. Жителите апелираат до надлежните проблемот да се реши во што пократок период.
Од Секторот за комунални дејности сообраќај и улици информираат дека нивна екипа излегла на терен со цел да се утврди состојбата во која се наоѓа улицата и ветуваат нејзино санирање.
– На оваа, една од најголемите улици во Лескоец во тек се активности за поставување на фекална канализација. Наша екипа излезе на терен, изврши увид и состави записник по што е побарано од изведувачот на градежните активности направените штети на коловозот да бидат санирани. Наскоро по завршувањето на активностите за поставување на канализацијата ќе биде поставен и тампон по што ќе следи и асфалтирање на улицата, информира Љупчо Танески од секторот за комунални дејности.
Од секторот не прецизираат кога улицата целосно ќе биде завршена и асфалтирана, бидејќи како што велат, тоа зависи од временските услови.
OhridNews