Жители од охридската населба Чекоштина бараат урбанизација и инфраструктурно уредување на овој дел од општината, каде има стотина куќи и викендици. Населбата не е евидентирана како населено место, нема адреси, водовод и канализација.
- Еден дел од населбата е урбанизиран, но на хартија, во реалноста нема никаква инфраструктура. Пред неколку години поднесовме петиција до општината за да определи уличен систем и да добиеме легални адреси, но ништо од тоа. Официјално не постоиме како населба и затоа не можеме да ги регистрираме нашите живеалишта, не можеме да добиеме лични карти во МВР, не тераат да го решиме проблемот секој индивидуално. Патиштата не се пробиени, особено е лошо кога е калливо време, не може да се помине“, вели Иван Огненов претседател на ЗГ „Чекоштина Урбан“.
Огненов додава дека и покрај тоа што дел од населението се занимава со туризам, се соочува со бројни проблеми поради непристапноста кон нивните објекти.
Минатите години имаше најави дека оваа населба ќе прерасне во елитна, но тоа не се исполна. Поради тоа, жителите ја формираат невладината организација со цел нивните барања конечно да наидат на слух од надлежните од кои бараат проблемот да се реши во што пократок период.
OhridNews