Доколку Општина Охрид не ги исполни своите обврски и не ја уреди инфраструктурата во станбената населба на улицата „АСНОМ“ во населбата „Бејбунар“, жителите по судски пат ќе бараат остварување на своите права, велат станари од ова место во дописот испратен до медиумите
Прикажаните слики се секојдневна реалност за жителите на улица АСНОМ. Имено, нејзината состојба е темна и безнадежна – неасфалтирана, полна со дупки, бари, неосветлена од јавно осветлување, туку со наше од зградите, илегален паркинг за туристи и наркомани во летниот период, собиралиште на незгрижени кучиња до неодамна, и главна артерија за ископана земја и градежен шут за секоја градежна активност во населба Бејбунар. Сардисани од сите страни, веќе две и пол години интензивно, а и подолго со помал интензитет, нашите домови се наоѓаат во епицентарот на градежната активност. Иако ја сфаќаме неизбежноста на планската градежна дејност, условите за живеење се далеку од прифатливи, велат револтираните жители.
Станарите од зградите на „АСНОМ“ бр. 65, 91, 93, 97, 107 и 109 во Охрид истакнуваат оти се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствениот град поради проблемот со пристапот до своите домови, необезбедени и неосфетлени ископи, сообраќаен хаос и бучава од градежни активности кои траат од рано утро до доцна во ноќта. Велат дека сето ова се обиделе да им го предочат на одговорните во локалната самоуправа во повеќе наврати, но без успех.
Оваа состојба со неасфалтираната улица трае повеќе од 10 години, што значи целиот период од населувањето. Сакаме да напоменеме дека, пред 8 години, инвеститорите ги подмириле комуналните давачки кон Општината при населувањето, но Општината не ги исполнила своите обврски. Со оглед на долгогодишната состојба и со сите трошоци што се подмирени, како станари сме приморани да поднесеме тужба против Општината во Стразбур. Ние не само што бараме права за уредување на улицата, туку и бараме отштета поради нарушено човечко достоинство и право на цивилизирано живеење. Отштета бараме и поради забрзано амортизирање на нашите возила, велат станари од зградите на улицата „АСНОМ“.
Г.М.