Цените на прехранбените артикли во Охрид и во Струга се пониски за 30 до 50 отсто отколку во Албанија, изјавуваат Албанци, кои редовно пазаруваат во македонските градови.
Поради се’ поголемиот број Албанци што пазарат во Македонија, воспоставени се редовни линии со комби превоз од повеќе градови од Албанија до Охрид и Струга. Како што пишува албанскиот весник „Газета шќиптаре“, албанските граѓани доаѓаат во Македонија бидејќи цените на повеќе производи се драстично пониски во македонските дуќани отколку во Албанија.
– Ние секој ден се’ повеќе осиромашуваме, цените во Албанија растат како никаде. На пазарите во Охрид и во Струга цените на прехранбените артикли се пониски отколку кај нас за 30 до 50 отсто. Не станува збор само за јаболката или за друг вид овошје, од кое еден килограм споредено со цените кај нас е поевтино три-четири пати, туку и за другите артикли, како што е месото, на пример – изјавуваат жители на Прењас по шопингот во Охрид.
Агим Таруши од пограничното село Рајца, кај Либражд, вели дека цените во Албанија во споредба со Македонија „се разликуваат како денот и ноќта“.
– Еден килограм шеќер кај нас е 120 лека (две евра), а во Струга 70 денари или 80 лека. Истото е и со цената на сирењето, зејтинот, месото, путерот, брашното и се’ друго. И горивата, во Македонија не само што се поквалитетни туку се и поевтини за дури 40 лека за литар – вели Таруши.
Редовни линии, според „Газета шќиптаре“, се воспоставени од повеќе градови како што се Подградец, Либражд, Прењас, Корча. Но голем број граѓани патуваат и со сопствени возила најмалку три-четири пати месечно за да пазарат се’ што им е потребно.
Извор: “Дневник”