Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „фалсификување исправа“, Секторот за внатрешни работи Охрид поднесе кривична пријава против 25-годишен жител на охридското село Велгошти.
Пријавениот, во текот на јануари 2013 година, нелегално набавил возило марка „опел монтереј“ 3.1Д, кое на противправен начин и без соодветна документација го ставил во свое владение, сопственост и користење и како странска стока било ставено во нелегален промет во Република Македонија.
Сега пријавениот на возилото противправно ставил лажна бугарска регистарска таблица и во периодот август 2013 — септември 2014 година, употребувајки ја како вистинска, патничкото моторно возило неовластено и противправно го управувал.
Иако знаел и бил должен да знае дека конкретната странска регистарска таблица е фалсификат, бидејќи немал ниту еден документ издаден од овластен орган или друг доказ кој укажува дека е истата легално издадена за конкретното возило, пријавениот сепак свесно се согласил да го користи и употребува патничкото моторно возило.
Од проверките на СВР Охрид и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија преку Интерпол, утврдено е дека конкретната странска регистарска таблица, потекнува од патничко моторно возило марка „Фиат пунто“ со конкретен идентификационен броја издадена од бугарските органи за извоз и транзит од земјата. За возилото не била спроведена постапка за увоз со плаќање на царински и други увозни давачки согласно закон, па затоа не ни смеело да се пушти во слободен промет на подрачјето на Република Македонија.
OhridNews