Жестока расправа во Собранието за Предлог-одлуката за распуштање на Собранието поднесена од опозициската СДСМ. Како што јавува „Маакфакс“, опозицијата бара предвремени избори затоа што смета дека власта е нелегитимна и ненародна.

„Цели пет години Македонија не оди во посакуваната насока. Изминативе години од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат забележани во историјата како години на беда, очај, сиромаштија, распад на институциите. На народот му е доста и треба да се оди на предвремени избори“, рече Цветанка Иванова од СДСМ.

Таа додаде дека Македонија наместо сто чекори напред, е сто чекори назад и оти како што рече над 95 отсто од ветеното, не е исполнето.

Според владејачкото мнозинство ваквите барања се неискрени, а предвремени избори би значеле трошење на време, пари и енергија.

„Колегите од СДСМ се неискрени. Нивното барање „бараме избори, но го молиме Бога тие да не се случат. На ВМРО-ДПМНЕ во моментов најмногу му одговара да има избори“,рече пратеникот Александар Спасеновски од ВМРО-ДПМНЕ.

Џеват Адеми од ДУИ уште еднаш го потврди ставот на неговата партија дека прво е потребно решавање на спорот околу името со Грција, па предвремени парламентарни избори.

Според либералдемократот Андреј Жерновски, граѓаните бираат две различни страни од една иста паричка.

„Во Македонија сите говори се исти, само говорниците се менуваат, а граѓаните бираат две различни страни од една иста паричка“, рече Жерновски.

Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, тврдеше дека опозицијата не е спремна за предвремени избори .

Расправата за Предлог-одлуката е во тек, се очекува дека за неа ќе се гласа подоцна вечерва.

OhridNews
извор: „Макфакс„