Повеќе од три часа од денес одржаната седница изминаа во расправа околу информацијата за физибилити студијата за оправданост од воспоставување на договор за јавно приватно партнерство за изградба и управување со „мала марина“ на малото пристаниште во Охрид, која пред советниците беше презентирана од страна на претставник на консалтинг агенцијата Таргет.
Советниците согласни дека на малото пристаниште му е потребна реконструкција, но она околу што излегоја со спротиставени ставови беше изградбата на угостителски објект до самото пристаниште.
– Реконструкција на старото пристаниште е потребно и тука нема дилеми. Проблемот е што во тој заштитен појас, во басенот на езерото и кој е дел од целокупната слика на Охрид не смее да се експериментира, да се градат градби кои го нарушуваат идентитетот и визурата на градот. Од тој аспект повикав да се согледаат сите еколошки аспекти околу квалитетот на водата, екосистемот но и аспектите на меѓународната признаена вредност на Охрид од УНЕСКО која е признаена ваква каква што е и која по сите насоки не треба да претрпи никакво нарушување. Градбите можат да се прават на секое друго место, освен во заштитената зона. Мое мислење е дека треба само да се изврши уредување на просторот, тоа да биде привлечно место, додаток на вредноста на Охрид, а не градби кои би го нарушиле идентитетот и се она што како меѓународна вредност ја има Охрид, смета советникот Дејан Паноски.
Координаторот на советничката група на СДСМ, Јован Стојаноски, потенцира дека за реализација на еден ваков проект потребна е поширока елаборација со граѓаните и експертите.
– Не сме против да се гради тоа пристаниште, но треба да помине со една поширока елаборација со граѓаните и експертските служби, а не само врз основа на една физибилити студија направена од една консалтинг агенција и избрзано да се гради и тоа по пат на јавно приватно партнерство. Нашиот став е дека ако нешто е исплатливо тогаш е исплатливо и за општината, посебно кога имавме ребаланс на буџет пред еден месец, при што стигнаа средства со продажба на имот, со тоа можевме да влеземе во изградба на една марина која ќе ја изгради општината, а потоа да ги остварува приходите од таа марина и парите да влегуваат во општинскиот буџет, нагласува Стојаноски.
Дискусиите на дел од советниците, градоначалникот Никола Бакрачески ги оценува како произволни изјави кои не кореспондираат со фактите или статистиката која е обработена од експертите кои ја обработувале физибилити студијата.
– Ние затоа објавуваме студија за оправданоста на некој проект како што е овој за реконструкција на малото пристаниште. Се работи за пристаниште кое не е реконструирано повеќе од 40 години, кое е распаднато, од една страна атрактивна локација но опасна за движење. Уште пред две години се обврзавме да направиме атрактивно и угледно место кое ќе биде привлечно за охриѓани и гостите. Консултиравме архитекти, експерти се со цел да дојдеме до идеја која ќе ги отсликува потребите на граѓаните на Охрид. Охрид треба да се движи и чекори во 21 век, а не во 19 век, онака како што некои неаргументирано размислуваат, изјави градоначалникот Бакрачески, додавајќи дека голем дел од изработената физибилити студија се однесува токму на делот на заштитата на животната средина.
По долгата дискусија , информацијата за физибилити студијата беше усвоена од мнозинството советници. Во наредниот период ќе следи стратегиска оценка на влијанието на проектот врз животната средина, по што ќе се распише тендер за реализација на проектот.
Т.К.
Старо пристаниште – некогаш главна атракција на езерото денеска руина