Расправата по Предлог законот на СДСМ и ЛДП за финансирање на единиците на локалната самоуправа, што беше на дневен ред на вчерашната седница на Собранието на РМ, се претвори во жестока  дискусија и препукувања помеѓу парламентарците од Охрид за работата на градоначалникот на општина Охрид Александар Петрески.

Најпрвин пратеникот Веле Митаноски од НСДП го презентираше извештајот на Државниот завод за ревизија објавен деновиве кој се однесува на работењето на органот на управата во охридската локална самоуправа во 2005.

Непотполна сметководствена евиденција, ненаменско и нетранспарентно трошење на средствата од буџетот на општината, се само дел од забелешките што ги утврдил Државниот завод за ревизија. Државниот ревизор констатирал повеќе сериозни пропусти во финансиското работење. Ревизијата утврдила дека во тој период се плаќале фактури за извршени услуги во 2003 и 2004 година, кои тогаш воопшто не биле евидентиртани, неправилно се применувале  интерни акти, се патувало во странство без одлука на совет, незаконски се делеле плати и паушали и се финансирале културни настани, манифестации и прослави.

Сериозните забелешки изнесени во извештајот на Државниот завод за ревизија, се  испратени до градоначалникот Петрески. Тој пак смета дека извештајот на ревизорот не е добро пренесен во медиумите и дека тоа е направено тенденциозно. Тој вели дека дел од забележките се однесуваат на неговиот претходник, а со дел од  забелешките кои се однесуваат на  неговото работење локалната не се согласува, за што било испратено  дополнително објаснување до ревизијата. Петрески најави дека деновиве на прес конференција ќе даде објаснување за забелешките изнесени во извештајот на Државниот завод за ревизија.

На вчерашната седница на Парламентот, Петрески беше прозван и од пратеникот на ВМРО ДПМНЕ, Цветко Грозданов. Тој во својата дискусија искажа сериозни забелешки на работата на охридкста локална самоуправа и предупреди дека Советот на општина Охрид на денешната 30-та седница ќе се обиде да ја легализира зградата на ГП Трим на булеварот „Туристичка“, која како што рече е дивоградба и претставува “Кинески ѕид“ поголем од скопскиот. “Кому му е потребна легализација на еден таков објект“, праша Грозданов, кој објасни дека како советник во минатиот состав на Советот гласал за донесување на ДУП со кој на спорниот простор е предвидена изградба на на објект П+2, а не шесткатница.

Во одбрана на Петрески застана пратеникот Никола Рилкоски од СДСМ. Тој отворено посочи дека причините за блокираната сметка на општината Охрид треба да се бараат во работата на претходниот градоначалник , Никола Наумов, кој беше од редовите на ВМРО ДПМНЕ, а дека благодарение на сегашниот градоначалник долговите од над 10 милиони евра се намалени на само 3 милиони евра. Во врска легализацијата на спорната зграда на булеварот туристичка Рилкоски напомена дека мнозинство во охридскиот Совет имаат владејачките партии и дека градоначалникот не може тука да направи ништо.

Жестоката расправа на пратениците од Охрид во врска со работењето на локалната самоуправа ја прекина пратеникот Слободан Најдески кој побара дискусиите да бидат насочени кон предложениот закон за финансирање на локалните самоуправи, кој подоцна не беше усвоен од Собранието.