Хилари Клинтон и Доналд Трамп ја завршија серијата на дебати во пресрет на претседателските избори во САД, со жестоката размена на обвинувања. Претседателските кандидати не се ракуваа пред почетокот на дебатата. Покрај тоа последната дебата ја обележа Трамп, кој не одговори на прашањето дали ќе ги прифати резултатите од изборите, пренесува „Макфакс“.

Сите светски медиуми пренесуваат дека кандидатите за претседател на САД, Хилари Клинтон и Доналд Трамп не се ракувале пред почетокот на последната дебата, што влијаело врз текот на дебатата.

Трамп одговарајќи на прашањето на модераторот Крис Волос дали ќе ги признае резултатите од изборите, рекол:„На тоа ќе одговорам кога ќе дојде време за тоа“. Инаку, Трамп пред четири дена изјавил дека е сигурен дека изборите ќе бидат наместени.

Кандидатор на републиканците својата противничка ја нарекол „одвратна жена“.

Во текот на дебатата се провлекувала и сенката на рускиот претседател Владимир Путин. Хилари Клинтон рекла дека Путин сака Трамп да биде претседател, бидејќи сака американскиот претседател да биде негова марионета.

„Ти си таа која е марионета“, викнал Трамп, истакнувајќи дека Путин ја „надиграл“ и ја „надмудрил“ поранешната државна секретарка на САД.

Спротивставени ставови кандидатите имале и околу низа внатрешни политички прашања, како што се правото на абортус, носењето на оружје, а особено жестока била дебатата околу илегалните мигранти и планот на мексиканскиот претседател да подигне ѕид.

Трамп, исто така, истакнал дека Хилари Клинтон и сѐ уште актуелниот претседател Барак Обама ги организирале насилствата на неговиот митинг во Чикаго.

Хилари, во текот на дебатата истакнала дека ќе се заложи за ЛГТБ заедницата, дека ќе го брани правото на абортус и дека ќе се фокусира на враќањето на средната класа, односно дека ќе се бори мажите и жените да имаат исти плати.

За потсетување, Трамп, изминатата недела беше на мета на критиките откако во јавноста се појави снимка од 2005 година каде што тој има неколку невкусни коментари за жените.

Британски „Гардијан“ пишува дека оваа последна дебата не била толку „еднострана“ како првата во која сите ја прогласија Хилари за победник, ниту, пак, толку лична како втората, во која кандидатите се судрија на најбрутален начин, каков што не е виден во една претседателска дебата.

Претседателските избори во САД ќе се одржат на 8.ноември.

OhridNews