Жените можеби имаат помал мозок, но тој е поефикасен од мозокот на мажите, открило едно истражување. Научниците долго биле заинтригирани од тоа како жените можат да бидат исто толку интелегентни како и мажите, иако нивниот мозок е за осум проценти помал. Во студијата на истражувачите од универзитетите од Мадрид и Лос Анџелес, чии резултати биле објавени во списанието “Intelligence”, било истакнато дека во случајот на жените, големината на мозокот не е важна, бидејќи тој орган кај нив едноставно подобро функционира. За време на тестирањето научниците извеле серија тестови за интелегенција на мажи и жени. И покрај фактот дека имаат помал мозок, жените биле поуспешни во индуктивното размислување и некои нумерички тестови. Исто така биле подобри и во следење променливи ситуации, додека мажите имале подобри резултати на полето на просторната интелегенција.
Истражувачите заклучиле дека женскиот мозок е способен да изврши, па дури и брилијантно да реши компликувани задачи и тоа со помалку енергија и помалку неврони. Во студијата било истакнато дека жените биле поефикасни со користење на помал невронски материјал. Помалиот обем на мозокот би можел да значи подобро спаковани нервни ќелии или меѓусебно поактивно пренесување на сигнали. Заклучокот бил дека женскиот мозок едноставно подобро функционира.