Во рамки на програмата на Охридско лето вечерва во Црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот, ќе настапи Женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ под диригентската палка на Летка Димовска-Полизова.

Овој хор е основан во 1996 година при Македонската православна црква, со благослов на митрополитот Полошко-кумановски г. Кирил. Составен е од 25 женски вокали, повеќето од нив студенти на Факултетот за музичка уметност во Скопје, но и други државни факултети.

Со својата посветеност и професионален однос, овие млади уметници придонесуваат за промоција и афирмација на македонската културна традиција, како и на македонската хорска музика. Покрај редовните концерти во Македонија, хорот досега има остварено и голем број меѓународни претставувања во Европа, но и во Австралија и во Соединетите Американски Држави.

Летка Димовска-Полизова е основач, диригент и уметнички раководител на женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“. Во текот на својата кариера, успешно раководи со повеќе хорови во Македонија, како детскиот хор при МРТВ, потоа мешаниот младински хор „Кочо Рацин“, камерниот хор при Соборниот храм „Св. Климент Охридски“ и други. Добитник е на повеќе национални и интернационални награди, меѓу кои и признанието: најуспешна жена – диригент во Македонија.  

OhridNews