Со богата културно уметничка програма  која се одржа  во ЦК „Григор Прличев“ вчеравечер во организација на Општина Охрид, Женскиот Центар  „Бисера“ и фото клуб „Охрид“ беше одбележан 8-ми Март – Меѓународниот ден на жената.

По втор пат беше отворена изложбата „Жени во фокусот“ во чии рамки беа изложени нови 12 фотографи од објективот на младата фотографка Нина Ангелоска.

Фотографиите се нови 12 приказни на жени-охриѓанки кои со својата работа се синоним за се она што значи ЖЕНА. Секоја, посебна, инспиративна и секоја на свој начин преставува пример за храброст, пожртвуваност, истрајност, доследност и љубов во работата, семејството.

На овогодинешните жени во фокусот како знак на признание им беа доделни фотографии за нивниот придонес во заедницата, а истите им ги врачи претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски.

Ако вас ве немаше ќе ја немаше и суштината на овој Свет, не ќе постоеше човештвото и убавината што вие ја дарувате. Не случајно матријархатот преовладувал во старо време,  а вербата во мајката Божја е доминантна и над се во што ние веруваме и го негуваме. Чест ми е што присуствувам на отворањето на оваа изложба „Жени во фокусот“, преку вас 12  жени кои доаѓате од различни општествени сфери овој настан го посветуваме  на сите припаднички на понежниот пол. Бројот 12 е само симболика. На вашите животни приказни се восхитуваме сите ние. Но  секоја жена, домаќинка, работничка на машина, учителка или адвокат е подеднакво вреедна и ценета за сите нас. Вистинската убавина не е поврзана со бојата на вашата коса или бојата на вашите очи. Вистинската убавина е поврзана со вас и вие како човечко суштество, со вашите принципи и вашиот морален компас, истакна Божиновски.

Во име на годинашните „Жени во фокусот“ пред присутните се обрати Моника Коцарева, млада модна дизајнерка, која го истакна значењето на жената во сите аспекти на животот.

Овие жени вечерва кои не инспирираат не потсетуваат дека не треба да се откажеме од нашите апсирации, од нашиот сон за да може да успееме. Сите благодарение на поддршката која сме ја имале, на нашата храброст, на нашата упорност, борбеност, истрајност, јасна визија и цел, сме тука вечерва. Низ светот денес гледаме жени лидери кои кршат бариери со своите постигнувања, жени со политички функции, жени во областа на технологии. Нема граница за се што жената може да постигне. И покрај вечерашниве инспиративни приказни, мора да признаеме дека нееднаквоста и дискриминацијата продолжуваат да спречуваат многу жени на глобално ниво. Треба да бидеме борци за промени, ментори на помладите, да ги поддршжваме бизнисите кои се започнати од жени, да ги срушиме родовите бариери и предрасуди во нашите заендици. Заедно може да изградиме свет каде жената ќе се чувствува поддржано за да ги следи своите соништа и аспирации. Не треба да бидеме во фокусот само еден ден, туку нашите придонеси треба да бидат ценети и почитувани засекогаш.

Во рамки на случувањето се одржа и музичко – поетска вечер  „Мевлем“ во рамки на која учествуваа Марко Виденовиќ на пијано, Памела Велкова и Верица Ајтовска на виолина и Енис Аљи на виолончело.

 

Претходно Здружението на жени „Бисера“ со изложба од жени сликарки ја одбележа 30 годишнината од своето постоење, а беа доделени и благодарници на успешни жени.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска