Што значи да се биде феминист/ка, дали патријархатот ни прави дисбаланс на моќ, кое е влијанието на културниот и општествениот систем на вредности во поглед на родовата дискриминација на сите нивоа- беа темите на вчерашната дебата, насловена „Жени со мустаќи“,  посветена на женските каузи, феминизмот и родовата еднаквост, која во рамки на Фестивалот за процесирање култура „ДримON“, се одржа под модераторство на новинарката Ана Јовковска.

Таа, како и  соговорничките Ана Василева и Албулена Карага говореа за значењето на феминизмот, борбата на жената, наспроти нејзиниот статус во општеството, за аспектите на идеологијата за рамноправен свет. Настанот е поддржан од програмата “За женски каузи” на “Civica mobilitas”. Темата на женските каузи предизвика интерес кај публиката, која беше од различни генерации.

Паралелно со панелот, во Фојаето на Домот за култура се одвиваше презентацијата за „Паратисима” Скопје.  Беше претставен интернационалниот саем на современа уметност кој е отворен за сите форми на уметност и креативност.

До раните утрински часови ечеа звуците на хип хоп. Ѕвезди на вечерта беа српските “Bad Cops”, кои заедно со момците и девојките од треш колонијата ја распослаа десет метарската змија изработена од пластични шишиња и лименки. Завршница на вечерта имаше одличниот Гоце С.А.Ф. кој се погрижи најупорните посетители на „ДримON“ да се забавуваат со одлична музика.

OhridNews