Рано утрово, во полициската станица во Кичево, приведено е 55- годишно лице од кичевското село Колибари, на кого од страна на јавен обвинител одредена му е мерка притвор во траење од 30 дена. По насоки на обвинителот, полициските службеници со приведениот водат разговори во врска со постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „противправно лишување од слобода“ и „силување“.

Лицето е приведено откако вчера околу 18 часот, во полициската станица во Кичево, против него е поднесена пријава од страна на 39- годишна жена од прилепското село Јакренево.

Таа пријавила дека лицето пред околу два месеца ја лишило од слобода и била присилно чувана во неговата куќа во Колибари. Во тој период, според зборовите на пријавителката била физички малтретирана и силувана. Во текот на вчерашниот ден, жената успеала со вилушка да ја отвори вратата од куќата каде била затворена и со автостоп стигнала до Кичево каде во полициската станица го пријавила кривичното дело, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

По добивање на информацијата, полициските службеници од полициската станица во Кичево презедоа мерки за пронаоѓање на можниот сторител. Р.Л. утрово околу 7 часот е приведен од неговиот дом во Колибари. По целосно расветлување на настанот, против него ќе биде поднесена кривична пријава.  

OhridNews