Македонија треба да ја модернизира железничката инфраструктура за да може да одговори на зголемениот обем на товарен железнички сообраќај. Во првите 9 месеци од годинава товарниот железнички сообраќај во Македонија бил зголемен за 30%, а според најавите на транспортерите трендот на пораст ќе продолжи и во наредната година.
Ова меѓу другото беше соопштено на работната средба на железниците на Балкан Модул Груп, што денеска започна во Охрид, на која претставници на железниците од земјите низ кои поминува коридорот 10 разговараат за усогласување на возниот ред со Европските железници за 2008 година.
Македонија се соочува со недостиг на товарни вагони и има лоша инфраструктура, рече Благоја Павловски, директор на АД Транспорт, кој од Охрид најави дека Македонски железници во наредниот период со средства од кредит ќе купуваат локомотиви и дополнителен број товарни вагони за да одговори на потребите на коминтетнтите.
Железничарите од регионот во Охрид ќе разговараат и за забрзување на цариснките постапки и другите формалности кои го забавуваат товарниот сообраќај, како и за други актуелни проблеми.
Г. Момироски