Каде летуваат или патуваат, со кого се во друштво, како се чувствуваат, каде се на кафе, што готват, што јадат, што пијат и голем број селфи фотографии и фотографии од забави, домот, семeјството, децата, автомобилите, работното место и храната која ја консумираат се дел од секојдевните објави кои ги споделуваат корисниците на Facebook.
Поради неразбирливи причини и наметнат тренд, голем дел од нив без оглед на возраста, во последниот период ги надминуваат сите граници на интимност и на оваа социјална мрежа објавуваат речиси се што е од нивниот приватен живот и буквално живеат на Facebook.
Ако немаш Facebook не постоиш
На оваа глобална појава не се имуни ни охриѓани кои исто така се во тек со сите трендови на помодарското однесување на оваа социјална мрежа и истата најчесто ја користат како современ начин да се пофалат и да дознаат нешто повеќе за животот на другите.
-Не можам да сфатам зошто голем број луѓе од сите генерации во Охрид ги пρејдоа гρаниците на интимност и заради собирање на лајкови си дозволуваат дρугите да им ги гледаат сите детали од интимниот живот. Многумина мои пријатели на Facebook, просто кажано го имаат објавено целиот свој живот, а бидејќи живееме во такво опкружување многу често истите се предмет на озборување. Значи нивните пријатели на Facebook знаат се што им се случува во секојдневието, што навистина станува несфатено и смешно. Не можам да ја разберам потребата од вакво однесување, вели Маја (29) од Охрид.
Друга жителка на Охрид која е од повозрасната категорија, коментира дека Facebook веќе станал начин на виртуелно живеење.
-Денес ако немаш Facebook како да не постоиш, бидејќи е современ начин на комуникација, но не одобрувам низа работи за кои се користи оваа мрежа. Не ја одобрувам на пример потребата да споделиш со сите олајн пријатели, дека имаш романтична вечера и дека се чувствуваш сакано со својот партнер и желбата на другите да им се пофалиш дека си среќен и дека среќно живееш. Тоа според мене е веќе некоја налудничава потреба бидејќи ако си среќен и се чувствуваш убаво нема да имаш потреба за тоа да знаат сите. А многу пати за жал реалноста на оние кои објавуваат вакви „среќни“ постови е сосема спротивна од она што се прикажува на Facebook, вели Снежана (49).
Охриѓанката Калина Сотироска Иваноска која е доктор по психолошки науки вели дека користењето на социјалните мрежи може да има и позитивни но и негативни придобивки за социјализацијата на една личност.
-Поминувањето долго време на социјалните мрежи не значи дека станува збор за пореметување, за пореметување зборуваме тогаш кога онлајн комуникацијата не е дополнување на социјалниот живот, туку замена на реалноста. Притоа се занемаруваат другите активности, како шетање во природа, читање, цртање, вистинско дружење со пријателите, семејството и слично. Постојаното споделување информации за сопствениот живот со пријателите на социјалните мрежи може да се објасни како одржување на сликата за себе или пак барање потврда за сопствените вредности, очекување позитивна повратна информација, прикажување пред другите. Постои преминување на границите на приватност, се споделуваат фотографии од првите часови на новороденчето, детството па преку тинејџерството до моментот дека сите се виделе и се знаат за вас, објаснува д-р Сотироска Иваноска.
Потреба од комплименти
Според неа потребата од постојано селфи фотографирање и објавување на провокативни фотографии е резултат на потребата од комплименти, суперлативи и воодушевување.
-Некои, претераното поставување селфи фотографии го објаснуваат како недостаток на самодоверба, додека поставувањето провокативни фотографии повик за помош. Но тоа не значи дека станува збор за пореметување, туку треба да се земат во предвид и други аспекти на личноста. А пред се станува збор за посветување вниманимание и истакнување на надворешноста. Од друга страна, на социјалните мрежи идентитетите често и не се реални, што постои опасност од така наречени онлајн грабливци, кои можат да ги прелажат најчесто тинејџерите, да бараат од нив да им праќаат нивни фотографии или да ги наведат на средби во живо, каде можат да бидат подложни на сексуално вознемирување, вели д-р Сотироска Иваноска.
Таа потенцира дека за зависност од користењето на социјалната мрежа може да се зборува тогаш кога логирањето на социјалните мрежи претставува доминантна животна активност која го изолира поединецот во однос на другите социјални настани.
-Во тие случаи најдобро е да се побара психолошка помош од психолог или психијатар, кои ќе овозможат надминување на зависноста, која е слична на зависноста од коцкање. Младите денес секако се „онлајн“ генерации така што не треба да им се забрани користењето на социјалните мрежи. Сепак социјалните мрежи се бесплатни и лесно достапни, овозможуваат одржување контакти кои без овие алатки не би постоеле. Младите кои се повлечени полесно воспоставуваат контакт преку компјутер што потоа се пренесува и во контакти во живо, исто така овозможува да станат самосвесни и да стекнат самопочит, појаснува д-р Сотироска Иваноска.
Според неа малите деца не би требало да имаат профили на социјалните мрежи, а родителите треба строго да ги контролираат децата при користењето на истите.
Е.М