Mакедонската кошаркарска репрезентација се наоѓа во третиот шешир заедно со Србија, Велика Британија и Летонија.
Во првиот шешир се наоѓаат селекциите на Русија, Шпанија, Литванија и Грција, во вториот се Германија, Хрватска, Словенија, Турција, а од четвртиот својата група ќе ја чекаат Израел, Полска, Бугарија и уште една репрезентација, која ќе се пласира преку дополнителни квалификации.
Шеснаесетте земји-учеснички на ЕП ќе бидат поделени во четири групи, чии домаќини ќе бидат градовите Познањ (сала со 4.200 места), Гдањск (5.500), Варшава (4.838) и Вроцлав (6.000).
Најдобрите три селекции од секоја група ќе ги продолжат натпреварите во две новоформирани групи по шест тима, при што ќе се вкрстат групите А и Б, односно Ц и Д, а само четирите „фенерџии“ по првата фаза ќе се вратат дома.
Вториот круг ќе се одигра во Бидгошч (8.000) и во Лоѓ (10.000).
Осумте најдобри од втората фаза, по четири од двете новосоздадени групи, понатаму ќе се судрат во четврт-финалето по принципот првиот од првата група со четвртиот од втората, вториот од првата со третиот од втората итн.
Победниците ќе разигруваат за медалите, а поразените за пласман од петтото до осмото место. Сите тие мечеви ќе се одиграат во Катовице, во салата со капацитет од 11.500 гледачи.