Република Северна Македонија е на вистинскиот пат кога станува збор за нејзините евроинтегративни аспирации, изјави денеска во Охрид Амбасадорот на Европската унија Самуел Жбогар. Тој рече дека кога ќе се погледне што се е сторено изминатите месеци или години, се гледа напредок.
Знаеме дека граѓаните гледаат критички на процесите, дека очекуваат повеќе. Но сепак, многу е направено, не само во подобрувањето на односите со соседите, туку иво оферата на реформите. Тоа ќе биде признаено во извештајот што ќе биде објавен оваа среда. – додаде Жбогар.
Што се однесува на резултатите од спроведените избори за Европскиот парламент, Жбогар со став дека и покрај зголемена поддршка за евроконзервативците, проевропските партии се’ уште имаат цврсто мнозинство во Европарламентот. Главните проевропски партии, оние што се уште веруваат во натамошно зајакнување на ЕУ, и натаму имаат силно мнозинство во Европарламентот што е охрабрувачки, подвлече евро-амбасадорот.
Ќе треба да почекаме да се формира новото европско раководство, така што за очекување е да се гледа оптимистички кон идните процеси. – рече Жбогар.
Тој најави дека оваа недела ќе биде објавен Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија, за кој верува дека ќе биде многу позитивен и поддржувачки.
Евроамбасадорот Жбогар денеска престојуваше во работна посета на Охрид каде го објави почетокот на новата кампања под брендот „ЕУ за ТЕБЕ“, насочена кон подигнување на јавната свест за заштита на животната средина.
OhridNews