Американските власти намерно го поттикнуваат конфликтот во Украина како дел од тактиката за „кинеско-руска воздржаност“, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Жао Лиџијан.
Политиката на САД и НАТО ги доведе руско-украинските конфликти до критична точка. Американската страна не презеде никакви чекори за ублажување на ескалацијата на тензиите, напротив, додаде масло на огнот, принудувајќи ги другите земји да заземат страна, рече кинескиот претставник.
Тој изјави дека „САД систематски шират дезинформации со цел да ја дискредитираат Кина и да ја нарушат нејзината основна позиција во корист на мировните преговори“.
САД се обидуваат да избегнат одговорност, да исценираат провокации и да имаат корист, да најдат простор за маневрирање и во исто време да ги ограничат Русија и Кина, нагласи Жао.
Кина се претставува како неутрална страна во војната во Украина. Државната агенција Ксинхуа ја нарекува војната „специјална операција“ и „руско-украинска криза“, никогаш не ја нарекува инвазија.
Кина не ја осуди Русија за инвазијата на друга, суверена земја, со која Пекинг има силни економски врски.
OhridNews