– Постапката беше стопирана со решение на Министерството за локална самоуправа. По оспорувањето на одлуката на Советот, истото Министерство поведе постапка пред Уставниот Суд за утврдување на уставноста на одлуката тврдејки дека градското Собрание не постапило по укажувањето на Министерството за транспорт кое пред седницата со допис укажало дека не дава позитивно мислење по тој ДУП, ни изјави портпаролот на општина Охрид Никола Манески.
Неодамна министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески најави дека за спорниот ДУП ќе одлучува Второстепената владина комисија. Причина за стопирање на постапката за урбанизација на населбата Бејбунар беше иснистирањето на Управата за заштита на културното наследство дека пред било што да се изгради на тој простор треба да се извршат археолошки истражувања, а поради сомневање дека тука има остатоци од наколна населба. Но деновиве директорот на оваа институција Паско Кузман изјави дека испитувањата се завршени и дека на спорниот простор не се најдени значајни археолошки наоѓалишта, со што според него се создадени услови за урбанизација на Бејбунар. И покрај ова од локалната велат дека таа работа ќе мора да ја почека одлуката на Уставниот суд.
– Моментално, судбината на ДУП-от како предмет е во постапка пред Уставниот суд и се додека оваа институција не се произнесе, состојбата останува статус-кво, вели портпаролот Манески.
Тој појаснува дека доколку Уставниот суд ја отфрли претставката на Мининистерството за локална самоуправа ДУП за Бејбунар ќе се применува според донесената одлука на Советот.
– Се дуго натаму зависи всушност од карактерот на одлуката на Судот. Општината, според правото, засега не може ништо да преземе и покрај произнесувањето на надлежната институција дека на тој локалитет нема археолошко наоѓалиште. Ние сме должни како општина да ја почитуваме постапката до крај, додава Манески.