Бројот на пловни објекти кои се движат по Охридското езеро од година во година е се поголем. Само за неколку години забележано е двојно зголемување на бројот на глисери, чамци, бродови и скутери.  

Екологистите предупредуваат дека големата френквенција на пловни објекти негативно се одразува врз фауната во езерото.

– Бучавата која тие ја предизвикуваат  фауната тешко ја поднесува и затоа доаѓа до нејзино зголемено движење во езерските длабочини. При тоа, голем дел од пастрмката од нашиот дел пребегува во албанскиот, каде не постои забрана за нејзино ловење и со тоа станува жртва на уништување, објаснува Лазе Наумоски од Хидробиолошкиот институт.

Зголемениот број на пловни објекти во езерото нема негативно влијание само врз живиот свет во него. По минатогодишните несреќи кои се случија очигледно е дека се одразува и врз безбедноста на самите учесници во водниот сообраќај, но и капачите.  Моментално, на ниво на држава, регистрирани за пловидба се 900 пловни објекти. Половината од нив, се проценува дека летово ќе пловат во Охридското езеро, а останатиот дел во Преспанско и Дојранско.

Свесни сме дека нивниот број е голем, особено ако зе земе во предвид површината и капацитетот на езрото, но во Законот за внатрешна пловидба не постои ограничување на пловните објекти, потенцираат од Охридската капетанија. 

“Правиме се што е во наша надлежност за поголема безбедност на учесниците во сообраќајот во езерото, но и за капачите и гостите кои ќе престојуваат на охридското крајбрежје. “ Со таа цел и годинава како една од мерките кои ги превземаме, од 20 јули до 20 август, повторно на сила ќе биде одлуката за забрана на движење на скутери на вода, во периодот од 11 до 18 часот”, вели првиот човек на капетанијата, Љупчо Настоски .

Безбедноста на капачите и учесниците во сообраќајот во езерото ќе биде темата на која ќе разговараат учесниците на трибината која ќе се одржи во текот на оваа недела. На неа ќе земат учество претставници од Здружението на бродари, Капетанијата на пристаништа, Црвениот крст, концесионерите на плажите, како и претставници од СВР. 

Тања Кувенџиска