Согласно податоците од Државниот завод за статистика за бруто-домашниот производ во третото тримесечје од 2010 година, забележана е зголемена стапка на раст во делот на градежништвото, во споредба со истиот период минатата година. Имено, стапката на раст на бруто-домашниот производ според произведниот метод во сегментот на градежништвото, според соопштението од Државниот завод за статистика, во третото тримесечје од 2010 година изнесува 18.4%, а во истиот период во 2009 година изнесувала 2.5%.

Министерството за транспорт и врски го поздравува трендот на раст во градежништвото како еден значаен сегмент за овозможување на раст и на останатите економски сектори и континуирано, преку преземање на мерки за поттикнување на овој сектор овозможува дополнителен развој на градежната дејност.

Во изминатиот период, преку предложување на измени во законската регулатива од делот на градежништвото и урбанизмот се овозможи воспоставување на ред во оваа област, а преку управувањето со градежното неизградено земјиште, сопственост на Република Македонија, се овозможува инвестирање во изградбата на нови објекти, меѓу кои и станбени, деловни, комерцијални, индустриски и здравствени објекти.

Во делот на лиценцирање на градежните компании, заклучно со 23.12.2010 година, издадени се вкупно 2134 лиценци, од кои: 853 лиценци за изведувач, 428 за надзор, 731 за проектирање и 122 лиценци за ревизија во градежништвото. Со издавањето на лиценците се врши регулација и стандардизирање на учесниците во градежниот пазар во Република Македонија, со што се придонесува истите да станат поконкуренти и да се овозможи дополнителен раст во областа на градежништвото.

Ohridnews