Неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, за периодот од 15 до 21 март, објавен вчера покажа дека бројот на новозаразени, починати и оздравени е зголемен во однос на минатата недела. Регистрирани сe 6.899 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со зголемување од 26,4 отсто во однос на минатата недела, соопшти вчера Министерството за здравство. Највисока неделна инциденца е регистрирана во Неготино (заедно со Демир Капија).

Најголемо процентуално зголемување во однос на претходната недела е забележано кај возрасните групи од 10 до 19 години, односно 33,1 отсто.

Процентот на позитивност се движи од 23,4 отсто до 32,3 отсто, просечно 27,9 отсто, што е за три отсто повеќе во споредба со минатата недела.

Зголемен е и бројот на починати во однос неделата претходно. Пријавени се 158 смртни случаи од 27 градови, што е 22,5 отсто повеќе во однос на минатата недела.

Со статус „оздравени“ се стекнале 3.343 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со зголемување од 22,1 отсто во споредба со минатата недела.

Висок процент на нови случаи на Ковид-19 покажа и вчерашната статистика. Од 3.728 тестирања, регистрирани се 1056 новозаразени (30 во Охрид), што е 28 отсто од тестираните. Пријавени се вкупно 25 починати лица, на возраст од 29 – 87 година, а оздравени 727 пациенти. Сите пријавени се починати во болнички услови и со коморбидитети, информираа од Министерството за здравство.

Во ковид центарот во Охрид се хоспитализирани 94 пациенти.

OhridNews