Советниците дадоа можност за формирање групи во ЈОУДГ „Јасна Ристеска“- Охрид, со помал односно поголем број деца од законски утврдениот број, зависно од потребите и барањата на родителите. Беше потенцирано дека се повеќе има интерес за упис на деца во градинките.
Од страна на советничката од СДСМ, Живка Ангелоска беше побарано образложение на кој начин ќе се спроведе Одлуката, потенцирајќи дека Советот има задача секогаш да помогне во работењето на институциите и да се стави во функција на непречено одвивање на самата функција.
Согласно Законот за детска заштита точно е утврден законскиот број на групите во градинките. Сметам дека треба да добиеме појаснување кој е тој исклучок врз основа на кој ја носиме Одлуката и зошто ја носиме, во конкретниов случај за зголемување на бројот на групите? Се носела и претходни години, но сметам дека е сериозна Одлука имајќи ја предвид дејноста која што ја вршите и сакам да ми одговорите на кој начин ќе ја спроведете во пракса оваа Одлука, во кои објекти ќе има зголемување на бројот на деца по група, како ќе го направите тој принцип затоа што ако се погледне Одлуката пишува зголемување над осум, десет, значи не ви даваме одредена граница колку може да ја зголемите таа бројка. Ова го говорам пред се, имајќи го предвид значењето на дејноста која што ја вршите и се во насока на обезбедување на гаранција на високиот степен на безбедноста на децата во градинките и на воспитниот процес кој се одвива таму. Како ќе се примени Одлуката во објектите со кои стопанисува детската градинка, на кој начин и колку ќе бројат тие групи?, рече Ангелоска во своето излагање упатувајќи ги прашањата до директорката на установата.
Директорката на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ Ирина Милеска истакна дека е точно тврдењето дека оваа Одлука Советот ја има носено и претходните години потенцирајќи дека Одлуката е во насока на потребите од згрижување на поголем број деца.
Ги зголемуваме бројките на децата во групите според капацитетот на градинката. Нормално, во оние објекти каде се дозволува зголемен број на деца, таму го зголемуваме бројот за да ги задоволиме барањата на родителите. Постојано имаме листа на чекање, постојано се вршат и уписи во градинките во текот на целата година. Мораме да постапиме на овој начин, зошто со зголемувањето на бројот на деца во градинката, истата и ќе функционира многу подобро. Нас ни се потребни децата, за да ние можеме да функционираме како градинка, а со зголемувањето на бројот на децата во групите му помагаме и на градот Охрид и на сите родители кои имаат потреба од престојот во градинка. Со зголемување на бројот секојдневно пуштаме табели до Министерството за труд и социјална политика и сега засега не сме наишле на никаков проблем во однос на бројката на деца, рече Милеска.
Додава дека во зависност од потребата се прераспределува и дополнително кадар, потенцирајќи и дека во последните години е зголемен и бројот на деца со посебни потреби, па се вложува и во стручен тим.
Бројот се зголемува повеќе во големите групи, кај децата од 5-6 годни кои се веќе понезависни. Кај помалите возрасти од 2-3 годни бројот гледаме да е од 20-25 деца, бидејќи на нив им е потребна поголема помош од нас како вработени. Се повеќе имаме интерес за упис на деца во градинките и мене тоа ми е позитивно, зошто се повеќе и повеќе деца имаме во градот. Во моментот се запишани 972 деца, а по Комисијата во август околу 180 нови деца се примени од оваа учебна година и моментално имаме околу 160 деца на листа на чекање. Од оваа година имаме и продолжен престој и веќе се враќаме во нормала по овие две години од Ковид ситуацијата, додаде Милеска.
Меѓу точките изгласани на седницата беа и Предлог Одлуките за разрешување и именување членови во управниот и надзорниот одбор на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“.
Н.С.Ј.