Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 15 до 21 март, тестирани се вкупно 24.517 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 8,4 отсто во однос на минатата недела. Регистрирани сe 6.899 нови позитивни случаи од 35 градови во државата со зголемување од 26,4 отсто во однос на минатата недела, соопшти Министерството за здравство.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=3.441; 49,9 отсто), со неделна инциденца – 557,1/100.000. Највисока неделна инциденца од 899,1/100.000 е регистрирана во Неготино (заедно со Демир Капија).
Процентот на позитивност се движи од 23,4 отсто до 32,3 отсто, просечно 27,9 отсто, што е за три отсто повеќе во споредба со минатата недела.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=1.772, 25,7 отсто). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30 до 39 години (n=1.303; 18,9 отсто), од 40 до 49 години (n=1.272; 18,4 отсто), од 50 до 59 години (n=1.210; 17,5 отсто) и од 20 до 29 години (n=864; 12,5 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=144; 2,1 отсто) и од 10 до 19 години (n=334; 4,8 отсто). Најголемо процентуално зголемување во однос на претходната недела е забележано кај возрасните групи од 10 до 19 години (33,1 отсто), од 50 до 59 години (32,1 отсто) и од 40 до 49 години (30,2 отсто).
По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 3.343 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, со зголемување од 22,1 отсто во споредба со минатата недела.
Пријавени се 158 смртни случаи од 27 градови, 22,5 отсто повеќе во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 135 лицa биле над 60 години, 19 лица на возраст од 50-59 години, три лица од возрасната група од 40 до 49 години и едно лице на возраст од 30 до 39 години.
Во Охрид, пак, вчера беа регистрирани 38 оздравени пациенти и 29 новозаразени случаи на ковид -19.
OhridNews