Бројот на позитивни случаи на Ковид-19 во однос од минатата недела е зголемен за 65 проценти, но истовремено нема зголемување на бројот на хоспитализации (во моментот се хоспитализирани 10 пациенти со Ковид) и нема зголемување на бројот на смртни случаи, констатира на денешниот состанок Комисијата за заразни болести, информираат од Министерството за здравство.

Според вчерашната статистика од Министерство за здравство во Охрид беа регистрирани 10 нови случаи, 5 оздравени, а активни 42.  Со тоа Охрид е втор град веднаш зад Скопје (395) по број на активни случаи.

Согласно овие параметри и земајќи го предвид трендот на зголемување на позитивните случаи од Ковид во соседните држави и светот, Комисијата потсетува на обврската за задолжително носење маски во здравствените установи, згрижувачките установи, аптеките и јавниот превоз.

Дополнително, од Комисијата препорачуваат граѓаните да бидат совесни, да го заштитат сопственото и јавното здравје и да ги применуваат општите мерки за заштита, како што се: заштитна маска , одржување растојание и почесто миење раце.

Комисијата за заразни болести, се вели во соопштението, внимателно ја следи состојбата и во зависност од промените ќе донесе соодветни препораки.

OhridNews