Зголемен е бројот, но и намалена е возрасната граница на пациенти кои имаат покачен крвен притисок во Охрид и регионот велат докторите кои денес беа вклучени во бесплатните прегледи на граѓаните реализирани за одбележување на Денот на хипертензијата (покачен крвен притисок).
На пунктовите кои беа поставени по кејот на Охридското Езеро медицински тимови од ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања-Охрид „Св. Стефан“, заедно со Крка – Фарма ДООЕЛ Скопје на граѓаните им мереа крвен притисок, им делеа совети и информативни материјали.
Превенцијата е наш приоритет. Во суштина и во името на нашата Установа стои превенцијата од кардиоваскуларни заболувања и секојдневно ја работиме во нашата Институција било тоа да е во амбулантниот дел или кај пациентите кои се на болничко лекување и пациентите кои се на рехабилитација. Но, секако ја користиме секоја можност и ваквите настани да излеземе меѓу граѓаните со цел подигнување на свеста од ризиците за кардиоваскуларните заболувања. Има голема бројка на млади пациенти во Охрид и регионот кои имаат новооткриена хипертензија, но и пациенти кои незнаат дека имаат, бидејќи хипертензијата понекогаш е асимптоматска, потенцира директорката на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања-Охрид „Св. Стефан“, Елена Коваческа Башуроска.
Истакнува дека исхраната, пушењето и физичката неактивност се меѓу најголемите ризик фактори за покачен крвен притисок.
Пациентите кои веќе имаат дијагностицирано покачен крвен притисок треба да го лекуваат и да се придржуваат на здрава храна и здрав живот, стоп за пушењето и рекреативна физичка активност, но пред се лекување на притисокот. Редовно мерење на крвниот притисок потребно е да се прави преку матичните лекари и рано да се почне со третман, додава Коваческа Башуроска.
Д-р Ксенија Мајсторовиќ, специјалист невролог, вели високиот крвен притисок е многу поврзан со мозочните удари и на тоа треба да се внимава.
Нашето прашање секогаш како невролози е: Дали лечите крвен притисок? Во последно време се поместува и границата, не е веќе кај повозрасните, се случува и многу почесто кај помладите под 50 годишна возраст да се појават проблеми со висок крвен притисок. Поради висок крвен присток настануваат почесто и масовни крварења во мозокот. Затоа е многу важна превенцијата на високиот крвен притисок посебно кај пациенти кои не го чувствуваат високиот крвен притисок. Ризикот тука е уште поголем, бидејќи кога го чувствува пациентот ќе дојде на лекар и ќе почне да прима терапија, ќе се открие на време. Поопасни се оние ситуации каде високиот крвен притисок не е откриен. Редовните контроли се важни, затоа и денес сме овде поради скриниг. Под зголемен ризик се сите лица над 50-60 годишна возраст, обезните лица, пушачите. И нормално генетскиот фактор. Ако некој има родител со такво заболување мора и порано да дојде на преглед. Превентивните мерки се слични како кај кардиолошките така и кај невролошките заболувања, мозочните удари се сведуваат на истото, физичка активност, слабеење, престанок на пушење.
Посочува дека одзивот на граѓани денес бил многу голем, што значи дека се повеќе се зголемува здравствената култура.
Јасмина Хаџиева Стефановска од Крка Фарма Скопје, истакна дека како фармацевска компанија традиционално секој 17 Мај секоја година се вклучуваат во одбележување на Денот на хипертнезијата во соработка со ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања-Охрид „Св. Стефан“.
Целта ние да се подигне свесноста кај граѓаните за ризик факторите кои влијаат врз крвниот притисок и што можат тие да направат за да го превенираат. Оваа година ја избравме оваа локација за да го потенцираме значењето на физичката активност како еден од активностите кои може секој граѓанин да ги направи да учествува во грижата за своето здравје и регулацихата на крвниот притисок. Се даваат совети од докторите од Кардиолошкиот центар, се мери крвниот притисок и можам од досегашната активност да видам дека навистина има многу граѓани кои незнаат дека имаат повисок крвен притисок и дека треба да се јават на преглед, додаде Хаџиева Стефановска.
Бесплатните прегледи и совети за граѓаните по повод Денот на хипертензијата
Инаку, покачениот крвен притисок согласно податоците на Светската здравствена организација, е одговорен за 7.6 милиони смртни случаи годишно на светско ниво (13.5% од вкупниот број смртни случаи), повеќе од било кој друг ризик фактор. Околу 54% мозочни удари и 47% од коронарната артерриска болест се предизвикани од покачен крвен притисок.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски