Згаснуваат весниците „Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“, финален удар и за А1 Телевизија. Овие медиуми од Управата за јавни приходи добија решенија за присилна наплата на наводен затаен данок – во вкупен износ од 10 и пол милиони евра, јавува А1.

Девет и пол милиони се за Телевизијата, еден милион за „Плус продукција“ куќата што ги издава трите весници.

„Време“, „Шпиц“ и „Коха е ре“, најверојатно ќе се печатат само уште вечерва. Издавањето ќе запре поради недостиг на материјали за печатење и неможноста да се купат.

Повеќе од стотина луѓе ќе останат на улица. Истата судбина ја чека и А1 Телевизија – УЈП стартуваше со присилна наплата на парите од сметката на Телевизијата веќе блокирана од судот за два милиони евра.

Од сега сите парични приливи на медиумот ги превзема државата. Доколку не успее да ги наплати во пари, по истек на 45 дена како доверител Управата може да побара отворање стечај за Телевизијата.

Во меѓувреме УЈП не смее да го попречи работењето на медиумот со одземање движен и недвижен имот потребен за функционирање на Телевизијата.

OhridNews
извор А1