Колективната меморија веродостојно може да се тврди дека често игра важна улога во политиката и општеството, рече проф. д-р Рубин Земон на отворањето на XIII Меѓународна научна конференција „Охрид- Водици 2025“ која се одржува во „Куќата на Уранија“.
Ваквите тврдења досега се вообичаени во научните дискурси. Навистина, колективната меморија стана моќен симбол на многуте политички и општествени транзиции кои моментално се во тек иако има и нешто општо епохално во нашиот навидум распространет интерес за меморијата. Колективните сеќавања се спомени споделени од група кои влијаат на нивниот идентитет како заедница. Историјата на научниците кои ја проучуваат меморијата не е само проблем од внатре, туку и одговор на барањата на сегашноста. Интересот на антропологот не е само тоа што се случило, туку сака да открие и како одредена историска содржина се користи во актуелниот процес на градење на идентитетот, истакна Земон.
На конференцијата која се одржува на тема „Колективната меморија, политики на меморија и современите идентитети во контекст на локалните, регионалните и глобалните конфликти и сојузи“ се очекува да бидат презентирани 54 трудови од 68 учесници кои доаѓаат од 14 држави.
Заменик градоначалничката на Општина Охрид, Ана Крстеска, во обраќањето пред присутните истакна дека станува збор за една од најважните проблематики на денешницата, со надеж дека сите присутни на Конференцијата на крајот ќе донесат заклучоци за општо колективно добро.
Сведоци сме дека последните неколку години на Европско тло се прават обиди за бришење на историјата и посегнување кон историски ревизионизам под поновото минато. КОлективните сеќавања, историските трауми и историографијата на нациите во значаен дел се користат за борба за власт и доминација. Други актери во општетсвото свесно го ползуваат пишувањето на историјата за оставрување на сопствените интереси. Токму затоа оваа средба што се одржува во Охрид во овие празнични денови е особено значајна за сите нас, додаде Крстеска.
Инаку, Конференцијата е во организација на Центарот за напредни истражувања, а во партнерство со „MIRAS“ – Социјалната Организација за Поддршка на проучувањето на културното Наследство од Баку, Азербејџан, Универзитетот Ајдин Аднан Мендерес од Турција, Институтот за напредни студии од Косзег, Унгарија. Истата беше отворена денес и ќе се одржува до 19 јануари во Охрид и Битола.
Н.С.Ј.
фото. Б. Стојаноски