Во земјотресот со магнитуда од 6,2 според Рихтер кој во средата утрото ја погоди централна Италија загинале најмалку 247 луѓе, објави утрово италијанската служба за цивилна заштита, пренесува „Макфакс“.

Утрово на погоденото подрачје е регистриран нов потрес со магнитуда од 4,7 по Рихтер, соопшти италијанската сеизмолошка служба.

„Спасувачите работеа и ноќта, и продолжуваат да работат и натаму. Бројот на жртвите во општината Риети изнесува 190 луѓе, а во провинцијата на градот Асколи – Пичено загинале 57 луѓе“, се вели во соопштението.

Силниот земјотрес урнал куќи и патишта во неколку планински населби на околу 140 километри источно од Рим, а го затресе и главниот град, како и други поголеми градови како Фиренца и Перуџа, како и делови од регионите Умбрија, Лацио и Марке. Потресот бил почувствуван и во Болоња, во северна Италија, и во Неапол, на југот, оддалечени повеќе од 220 километри од епицентарот.

Стотици луѓе се спасени од двете најтешко погодени гратчиња Аматриче и Акумолу, а спасувачките служби ја продолжуваат потрагата по преживеаните и по повеќе од 24 часа од потресот. Градоначалникот на Аматриче, Серџо Приоцци, изјави за агенцијата ANSA дела сепак уште многу луѓе се наоѓаат под урнатините. Повеќе стотици луѓе, околу 400, се повредени во потресот.

Во хотелот „Roma“, кој се урнал во Аматриче имало околу 70 гости, а досега се извлечени само седум тела, рекол Пироцци.

Спасувачките екипи во селото Пескара дел Тронто успеале да извлечат 10-годишно девојче кое под урнатините минало речиси 17 часа. Во блиското место Акумоли во уривањето на куќа загинало цело четиричлено семејство со два сина ва возраст од осум месеци и девет години.

Земјотресот се случи во средата во 3,36 часот и е најголем во Италија од 20-ти мај 2012 година кога земјотресот со магнитуда од 6,0 меѓу Модена и Ферара однесе 25 животи. Еден час по главниот удар, е регистриран уште еден силен потрес со магнитуда од 5,4 а потоа и 150 послаби последователни потреси, објави италијанскиот сеизмолошки институт INGV.

На 6-ти април 2009 година во потресот со магнитуда од 6,3 во Аквила загинаа повеќе од 300 луѓе, недалеку од новиот земјотрес. Најсмртоносниот земјотрес во Италија од почетокот на XX век се случил 1908 година, кога во Калабрија и на Сицилија загинале речиси 80.000 луѓе.

OhridNews
извор:„Макфакс“