Земјотрес со магнитуда од 5,6 по Рихтер, кој бил почувствуван од Јужна Дакота до Тексас, ја погоди во саботата американската сојузна држава Оклахома во која бројот на потресите едноставно „букна“ откако започна со постапката со хидраулично фрактурирање да произведува нафта и земен гас, пренесува „Макфакс“
Американскиот геолошки институт (USGS) објави дека епицентарот на потресот бил на околу 15 километри северозападно од местото Пони, а хипоцентарот на длабочина од само 6,5 километри. Засега нема извештаи за повредени во земјотресот во местото со околу две илјади жители, а штетата е мала, објавија локалните власти.
Земјотресот, меѓутоа, повторно предизвикува загриженост, бидејќи оваа област е позната по производството на енергенси добиени од шкрилци, или популарно „фракинг“ постапката, која предизвикува зачестени земјотреси со магнитуди од 3 по Рихтер.
Комисијата наредила затворање на 35 бунари со загадена вода во подрачјето со површина од 1.295 квадратни километри, објави на Twitter гувернерката на Оклахома, Мери Фалин.
Сојузната држава Оклахома бележи за 600 пати поголема сеизмичка активност последните години отколку во 2008 година, наведува Геолошката агенција на Оклахома. Економијата на оваа американска сојузна држава е многу зависна од производството на енергенси во кое е работи секој четврти вработен.
Геолозите воспоставија поврзаност меѓу зголемената сеизмичка активност во оваа американска сојузна држава и фракингот, постапка со којашто под висок притисок се инјектира вода помешана со песок и хемикалии за да се разбијат карпестите формации во почвата и од неа да се црпат нафта и гас. Таквата загадена вода потоа се влева во бунари резервоари. Оклахома кон крајот на 2015 година имаше 4.500 такви бунари, од кои 3,200 секојдневно се оперативни.
OhridNews
Извор: „Макфакс“