Поголемиот број од засегнатите држави во регионот не се во можност да издвојат доволно финансиски средства за изградба на Коридорот 8, кој е од исклучително значење за нивниот економски развој.Ова меѓу другото, беше истакнато на Деветтиот конгрес на меѓународни шпедитери и логистички оператори од Југоисточна Европа што се одржува во Охрид, под мотото „Коридор 8 – реалност или утопија“.


На конгресот учествуваат повеќе од 200 претставници од 17 држави. Во дискустиите на дел од учесниците можеше да се чуе дека единственото решение за реализација на Коридорот 8 е изработка на заеднички регионални проекти кои би конкурирале за парични средства од европските финансиски институции.


Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, истакна дека економскиот напредок на Балканот не е можен со посточката сообраќајна инфраструктура. „Мора да се почне од себе и капиталното инвестирање од буџетот да се насочи во изградбата на коридорите, посебно Коридорот 8 што е многу значаен за Македонија“, рече Азески. Тој нагласи дека властите заинтересирани за реализација на проектот треба тоа прашање да го стават во листата на приоритети и соодветно да лобираат пред меѓународните финансиски институции.


Пред почетокот на конгресот, вчера,  се одржа состанок на  Консултативниот комитет на претседателите на националните шпедитерски асоцијации на кој била потпишана заедничка декларација во функција на поттикнување на владите на земјите-учеснички за нивен поактивен однос во решавањето  на бројните проблеми и отворени прашања што го попречуваат економскиот развој и соработката.

Ohridnews