Според информациите на американскит евласти, кои денес ги пренесуваат медиумите, силна соларна бура ја погоди Земјата, при што се очекува нарушување во сателитските комуникации. Бурата денеска ќе го достигне својот врв, а нејзиното влијание најверојатно ќе се почувствува и во текот на утрешниот ден.

Американскиот центар за предвидување на временските прилики во вселената предупредува дека во наредните два дена работата на сателитите, електро-мрежата, авиосообраќајот, но и истражувачките експедиции на Арктикот, би можела да биде пореметена.

Според информациите на физичарите кои го испитуваат случајот, бурата предизвикала ерупција од среден интензитет, која во неделата избила на Сонцето. Блесокот не бил спектакуларен, но предизвикал масовно коронално исфрлување, кое, со енергетските сончеви честички, се движело со брзина од 6,4 милиони километри на час.

Најголемата последица е радијацијата, која на нашата планета стигнува во облик на соларни протони. Меѓутоа, иако ова е најсилната бура која од 2005 ја погодила Земјата, на скалата од еден до пет, зазема трето место. Се смета дека ќе биде „силна“, но не и „разорна“.

Најсилни ефекти ќе бидат почувствувани на северниот дел на Земјата.

Според најавите на научниците, соларниот максимум се очекува наредната година. Некои од нив предвидуваат дека тоа ќе предизвика катастрофални последици.

OhridNews